Магистрална подготовка е изработка на препарат во аптека, за конкретен пациент, според пропишан состав од доктор.
ПЗУ ОМ Еликсир е аптека со сопствен специјализиран простор за магистрална подготовка, опрема и кадар за магистрална изработка. Покрај останатите магистрални препарати, во нашата аптека се врши и подготовка на препарати што содржат екстракти од медицински канабис, наменети за медицински цели — исклучиво според докторска проскрипција и во согласност со важечката законска регулатива.
Оваа страница е информативна. Таа не претставува реклама за конкретен препарат и не е замена за совет од доктор или фармацевт.
Што е магистрален препарат
За разлика од индустриски произведените лекови, кои се изработуваат во серии со однапред утврден состав, магистралниот препарат се изработува поединечно — за еден пациент, според состав што го пропишал неговиот доктор. Составот на препаратот во целост одговара на докторската проскрипција.
Тоа значи дека препаратот не постои како готов производ на полица. Тој настанува дури откако рецептот ќе пристигне во аптеката, се изработува во специјализиран простор за магистрална подготовка и се издава во аптеката, на пациентот за кого е пропишан.
Затоа овој вид препарати не подлежи на онлајн продажба, не се издава без рецепт и не се рекламира како производ.
Законска рамка во Северна Македонија
Употребата на канабис за медицински цели во земјава е либерализирана во јуни 2016 година. Со тоа пациентите добија легален и строго контролиран пристап до препарати од канабис за медицински цели, врз основа на докторска проскрипција.
Со измените на Законот за лековите од март 2023 година, препаратите со содржина на психотропен THC над 0,2% добија статус на магистрални препарати. Оттогаш тие не се издаваат како фабрички пакување, туку се изработуваат магистрално — во аптеки што имаат дозвола и за подготовка и за издавање на овој вид препарати.
Со измените на Законот за лековите од март 2026 година, стандардизираните разредени екстракти со потврден квалитет од овластени и акредитирани лаборатории претставуваат влезни суровини во изработката на овие магистрални препарати.
Кој го пропишува препаратот
Препаратот се пропишува со таканаречен „двоен рецепт”, кој го издава доктор специјалист од специјалностите предвидени со закон. Пациентот рецептот го носи во аптека што ги има двете потребни дозволи, каде препаратот се изработува и се издава.
Индикации предвидени со закон
Законот ја предвидува примената како адјувантен, односно дополнителен третман, паралелно со стандардната медицина базирана на докази, кај следниве индикации: карцином, мултиплекс склероза, епилепсија, ХИВ/СИДА, невропатска болка и палијативна нега.
Одлуката дали ваков третман е соодветен ја носи исклучиво докторот. Аптеката не поставува дијагноза, не препорачува терапија и не одлучува за индикација.
Две различни категории производи
Во јавноста често се мешаат две сосема различни категории. Разликата е во содржината на психотропниот THC и во режимот на издавање.
Без рецепт
Гранични производи
Преработки со деклариран состав на CBD како примарен непсихотропен канабиноид и отсуство или строго ограничено присуство на THC — најмногу 0,2% THC, односно највеќе 2 mg вкупен дневен внес по грам. Овие производи се во слободна продажба и се издаваат без лекарски рецепт.
Само со рецепт
Препарати од медицински канабис
Препарати со деклариран состав над 0,2% THC, самостојно или во комбинација со CBD. Се издаваат исклучиво со лекарски рецепт од доктор специјалист и се изработуваат магистрално, во аптека со соодветни дозволи. Не се продаваат онлајн и не се издаваат без рецепт.
Поимник: три различни масла
Називите на пакувањата често звучат слично, а се однесуваат на суштински различни производи. Оваа разлика е важна секогаш кога се избира производ.
- Масло од семе од коноп (Hemp Seed Oil) Се добива со ладно цедење на семето од индустриски коноп. Содржи незаситени омега масни киселини и антиоксиданси, но не содржи канабиноиди. Примарно се користи како диететски додаток и во козметика.
- Масло од коноп (Hemp Oil) Екстракт од индустриски коноп, разреден во неутрално масло. Индустрискиот коноп по правило содржи низок процент CBD и незначително присуство на THC. Уделот на канабиноиди зависи од тоа од кој дел на растението е добиен екстрактот.
- Масло од медицински канабис (Medicinal Cannabis Oil) Екстракт од медицински канабис, разреден во неутрални масла. Хербалниот материјал и екстрактите добиени од него содржат значително повисок процент канабиноиди во однос на индустрискиот коноп. Кога содржината на THC е над 0,2%, станува збор за препарат што се издава само на рецепт.
На што се обрнува внимание при квалитетот
Квалитетот на еден магистрален препарат зависи од квалитетот на влезната суровина и од условите во кои се одвива секоја фаза — од одгледувањето до изработката во аптеката. Ова се критериумите што струката ги смета за суштински.
- Потекло на хербалниот материјал — суровина од лиценцирани одгледувачи, со имплементирани норми на добра пракса при одгледување и колектирање (GACP) и добра производна пракса (GMP) при процесирањето.
- Отсуство на контаминанти — контрола на пестициди, тешки метали, резидуални органски растворувачи, микотоксини и микробиолошка чистота, во рамки на пропишаните граници на толеранција.
- Метод на екстракција — постапки што ја избегнуваат термичката деградација и не воведуваат штетни агенси. Кај суперкритична CO₂ екстракција со гас од фармацевтски квалитет, во финалниот екстракт нема резидуални органски растворувачи.
- Јасна декларација — квалитативен и квантитативен состав на примарните канабиноиди, со назначена хемиска форма (кисела или неутрална), бидејќи двете форми имаат различна растворливост и различна ресорпција.
- Природен наспроти надграден состав — дали содржината на канабиноидите потекнува само од самиот екстракт или е дополнително надградена со кристална форма, и дали таа кристална форма е природен изолат или производ на органска синтеза. Ова мора да биде јасно декларирано.
- Контролирани услови во секоја фаза — сушење, транспорт, складирање, екстракција и инкорпорирање во магистралната формулација, со соодветен степен на микробиолошка чистота на просторот и опремата.
Екстрактите од непознато потекло, произведени во нестандардни услови, не подлежат на ниту една од овие контроли. Кај нив постои реален ризик од присуство на штетни органски растворувачи, пестициди, тешки метали и микробиолошка контаминација, кои тешко се отстрануваат од финалниот екстракт.
Како се одвива кај нас
- Преглед и рецептПациентот добива рецепт од доктор специјалист. Аптеката не учествува во оваа фаза и не може да го замени прегледот.
- Прием на рецептот во аптекатаРецептот се носи лично во аптеката. Фармацевтот го проверува пропишаниот состав и ги објаснува понатамошните чекори.
- Магистрална изработкаПрепаратот се изработува во нашиот специјализиран простор за магистрална подготовка, во состав што целосно одговара на докторската проскрипција, од стандардизирани суровини со потврден квалитет.
- Безбедно и одговорно издавањеГотовиот препарат се издава на пациентот, а во зависност од неговата здравствена состојба и потребите, може да биде преземен и од член на семејството. При секое издавање, даваме јасни и целосни упатства за правилната употреба, дозирање и чување на препаратот.
- Контролирано и прецизно издавање на магистрални препаратиПри издавањето на магистралните препарати, секој рецепт се евидентира согласно важечките законски прописи. За препаратите кои подлежат на посебен режим на контрола, се води соодветна евиденција во книгата за опојни дроги и психотропни супстанции. На овој начин обезбедуваме целосна следливост и контрола на секој издаден препарат, од приемот на рецептот и подготовката, до неговото издавање на пациентот.
Изработката се одвива во контролирани услови, со соодветна заштитна опрема и документирање на секој чекор.
Често поставувани прашања
Може ли препаратот да се нарача онлајн?
Не. Магистралните препарати со содржина на THC над 0,2% се издаваат исклучиво во аптеката, по приложен рецепт. Онлајн нарачка не е можна и не е законски дозволена.
Може ли да добијам препарат без рецепт?
Не. За овој вид препарат е потребен рецепт од доктор специјалист. Без рецепт, аптеката не смее да го изработи ниту да го издаде препаратот.
Дали аптеката може да ми препорача терапија?
Не. Одлуката за терапија ја носи докторот. Улогата на аптеката е стручна изработка на препаратот според пропишаниот состав и објаснување на начинот на употреба и чување.
Која е разликата меѓу CBD производите во слободна продажба и овие препарати?
CBD производите во слободна продажба се гранични производи со најмногу 0,2% THC и се издаваат без рецепт. Препаратите со содржина над 0,2% THC се магистрални препарати, се изработуваат во аптека според рецепт и се издаваат само за пациентот за кого се пропишани.
Колку време е потребно за изработка?
Роковите зависат од пропишаниот состав и од расположливоста на стандардизираните суровини. Точен рок Ви соопштуваме при приемот на рецептот.
Изработувате ли и други магистрални препарати?
Да. Покрај препаратите со екстракти од медицински канабис, во нашиот специјализиран простор за магистрална подготовка се изработуваат и други магистрални препарати според докторска проскрипција.
Имате рецепт или прашање за изработката?
Јавете се или посетете нè во аптеката. Нашите фармацевти ќе Ви ги објаснат чекорите, потребната документација и роковите за изработка.
Контактирајте нè